Анализа на ризиците од неправилна подготовка (користење) на чаеви

    1. Што доколку се стави помалку вода од пропишаното?

    Доколку се стави помала количина вода од пропишаното на пакувањето, чајот би бил поконцентриран, посилен на вкус и на мирис, но без несакани ефекти. Дозата чај (сува билка/мешавина) којашто треба да се употреби за подготовка на чајот (напитокот) е пресметана врз основа на официјални податоци од литературата и таа е безбедна доза за внесување во организмот. Во ваков случај нема опасност за здравјето на консументите.

     

    2. Што доколку се стави повеќе вода од пропишаното?

    Доколку се стави поголема количина вода од пропишаното на пакувањето, чајот би бил поредок, послаб на вкус и на мирис, но без несакани ефекти. Дозата чај (сува билка/мешавина) којашто треба да се употреби за подготовка на чајот (напитокот) е пресметана врз основа на официјални податоци од литературата и таа е безбедна доза за внесување во организмот. Во ваков случај нема опасност за здравјето на консументите.

     

    3. Што доколку чајот се приготви со ладна или со млака вода, а не со штотуку зовриена вода како што е пропишано? 

    На секое пакување точно е пропишано со каква вода треба да се подготви чајот. Екстракцијата на разни билки зависи од температурата на водата со којашто се врши екстрахирањето. Некои билки имаат подобра екстракција во штотуку зовриена вода (зовриена вода на 100 °C) поради растворливоста на нивните активни состојки во ваква вода. Кај некои билки, поради тоа што содржат специфични активни состојки (термолабилни), подготовката на чај треба да биде со млака вода за да не дојде до уништување на активните состојки. Ваков пример е коренот од бел слез, којшто, поради неколкуте видови слуз присутни во него, се препорачува да се подготвува со млака вода. Различните видови слуз се компоненти кои се термолабилни и кои се екстрахираат со млака и/или со ладна вода.

    Доколку чајот се приготви со ладна или со млака вода, а не со штотуку зовриена вода како што е пропишано, активните компоненти од билките нема доволно да се екстрахираат (инфузираат), односно нема целосно да преминат во водата. Во ваков случај чајот би бил редок, дури можно е и да не се чувствува вкусот, а ни мирисот на билката. На овој начин потребните активни компоненти нема да се екстрахираат во чајот (напитокот). Во ваков случај нема опасност за здравјето на консументите.

    Во ретки случаи, кога чајот се подготвува со ладна или со млака вода, а пропишано е да се подготви со штотуку зовриена вода, и кога билката од којашто се подготвува содржи микроорганизми во дозволени граници, согласно со регулативите (според спецификацијата за квалитет), постои опасност дека микроорганизмите нема да бидат уништени со ладната вода (се уништуваат со штотуку зовриена врела вода и кога отстојуваат во неа минимум 3 – 5 минути). Вакви ситуации може да доведат до несакани ефекти, однодно до мачнини во гастроинтестиналниот систем на консументите. Во ваков случај постои опасност за здравјето на консументите.

     

    4. Што доколку чајот се приготви само со штотуку зовриена вода, а не се вари дополнително како што е пропишано? 

    Најчесто, корењата, ризомите, корите и плодовите од билките (цврстите делови од билките) потребно е да се подготвуваат со нивно краткотрајно варење (3 – 5 минути варење, начин на подготовка – декокт) за да може активните компоненти од нив да преминат, да се екстрахираат во водата.

    Доколку станува збор за чај наменет за одредена индикација (со здравствено тврдење), постои можност тој да не дејствува поради тоа што активните компоненти нема да се екстрахираат во водата. Доколку чајот се приготви само со отстојување во штотуку зовриена вода, а без варење 3 – 5 минути, како што е пропишано, постои можност чајот да не влијае на пропишаната индикација. Во ваков случај нема опасност за здравјето на консументите.

     

    5. Што доколку билката отстои во штотуку зовриената вода помалку минути од пропишаното?

    Во овој случај чајот би бил поредок и послаб на вкус, со недоволно екстрахирани активни компоненти. Во ваков случај нема опасност за здравјето на консументите.

    Во ретки случаи, постои опасност дека микроорганизмите нема да бидат уништени со пократкотрајното отстојување во штотуку зовриената вода (се уништуваат со штотуку зовриена врела вода и кога отстојуваат во неа минимум 3 – 5 минути). Вакви ситуации може да доведат до несакани ефекти, односно до мачнини во гастроинтестиналниот систем на консументите. Во ваков случај постои опасност за здравјето на консументите.

     

    6. Што доколку билката отстои во штотуку зовриена вода повеќе минути од пропишаното?

    Доколку станува збор за чај од групата зелени, црни или бели чаеви, во тој случај колку подолго време билката отстојува во водата толку повеќе танини преминуваат во водата (чајот). Танини се супстанции од билките коишто предизвикуваат стегање (атстрингентно дејство) и се многу горчливи. Со подолготрајно отстојување на некоја од гореспоменатите билки се зголемува горчината на чајот и се вловуша неговиот вкус. Чајот е премногу горчлив за пиење и не се препорачува да се пие доколку времето на отстојување на билката е многу подолго од 5 минути. Гадењето и повраќањето, предизвикани од иритација на желудникот од големото количество танини, се ретки, но можни несакани ефекти. Во ваков случај постои опасност за здравјето на консументите.

    Доколку станува збор за домашни чаеви од типот нане, камилица, липа и слични, нема опасност ако билката отстои подолго време во водата и чајот може да се пие без несакани ефекти. Во ваков случај нема опасност за здравјето на консументите.

    Доколку, пак, станува збор за медицински чаеви коишто се препорачуваат за одредена намена, односно индикација, како група ќе ги издвоиме чаевите што содржат компоненти наречени пиролизидински алкалоиди. Пиролизидинските алкалоиди се хепато- и генотоксични и влијаат на работата на црниот дроб доколку се користат во преголеми количини. Такви се билките подбел и гавез. Доколку некој чај содржи некоја од овие билки и тие отстојат многу подолго од препорачаното време, можни се гастроинтестинални нарушувања, како нагон за повраќање, повраќање и дијареја, и овие чаеви мора да се употребуваат само како што е пропишано во упатството за приготвување. Во ваков случај постои опасност за здравјето на консументите.

    Секоја билка е специфична и се препорачува чајот да не се употребува доколку е заборавен подолго од 30 минути.

     

    7. Дали може да се предозираме со чај?

    Иако тоа зависи од количината којашто е испиена, сепак, за секоја билка (чај) има точно одредена максимална дневна доза и не се препорачува таа да се надмине. Ова најчесто се однесува на медицинските чаеви или на чаевите кои се наменети за одредени индикации. Веројатноста да се случи предозирање со домашни чаеви, како камилица, нане и липа, е многу мала и речиси невозможна.

    Најчести несакани ефекти што евентуално може да се појават од предозирање со чај се следните:

    • преосетливост на билката, грчеви во мазната мускулатура, нарушување на интестиналниот тракт и нерегулирана столица (консумирање чај од лист од сена и од кора од крушина во период подолг од 2 недели);

    • преосетливост на билката, хепатотоксичност и генотоксичност (употреба на чај од корен од гавез и од лист од подбел во период подолг од 10 дена);

    • преосетливост на билката, прекофеинизираност, главоболка, вртоглавица, повраќање, дијареја, проблеми со несоница, нерегуларно срцебиење (употреба на високи дози чај од лист од црн или од зелен чај);

    • преосетливост на билката, гастроинтестинални нарушувања, како гадење и абдоминална болка, умор, стегање во градите, тремор и сувост во очите (прекумерена и долготрајна употреба на чај од корен од валеријана);

    • преосетливост на билката, гадење и повраќање предизвикани од иритација на желудникот од големото количество танини (прекумерна и долготрајна употреба на чај од лист од мечкино грозје).

     

    8. Што доколку чајот не се чува на местото пропишано на амбалажата?

    За скоро сите билки, заштитата од светлина е неопходна и е по барање на повеќето фармакопеи. Ова е поради фактот што кога билката е изложена на светлина, бојата на лисјата, цветовите и на сите останати надземни делови забрзано избледува. Дополнително, изложеноста на светлина ги забрзува хемиските процеси што придонесуваат за разложување или за трансформација на состојките во билката.

    Со цел да се зачува квалитетот на билките, температурата е уште еден значаен фактор. Според правило формулирано од van’t Hoff во 1884 година, секое зголемување на температурата за 10 оС предизвикува дуплирање на реакциите во билката. Всушност, промените на состојките на билката може да бидат забрзани од топлината, односно содржината на испарливите состојки (етеричното масло) забрзано се губи со зголемување на температурата. Затоа е потребно билките да се чуваат на ладно место и предност треба да се даде на чувањето на билките на суво место во подрум, за разлика од суво, но топло место, на поткровје.

    Зголемената влажност има два негативни ефекти на стабилноста на билките: ја поттикнува активноста на одредени ензими (најчесто гликозидази) што ги разградуваат состојките во билката и го зголемува ризикот од појава на микробен раст, како мувла. Поради тоа, се препорачува чување на билката на суво место и во услови со релативна влажност не повеќе од 60 %. (Wichtl)

    Во ваков случај постои опасност за здравјето на консументите.