Камилица

    Matricaria recutita L. (syn. M. chamomilla L.)

    Фамилија: Asteraceae

    Делови што се користат: цвет.

    Ботанички опис: тревно растение кое расте 10-30 cm, со исправени и со флексибилни стебленца. Препознатливите цветови имаат бели ливчиња, кои тежнеат да бидат свртени кон почвата, истакнувајќи го средишното жолто јадро. Ако цветот го поделите на половина, ќе забележите шуплина во внатрешниот дел. Според тоа се разликува вистинската камилица од другите слични растенија. 

    Живеалиште: изворно потекнува од Јужна, од Источна Европа и од Западна Азија. Сега веќе е распространета и во Австралија, Северна и во Јужна Америка. Во најголем дел се култивира за индустриски цели.

    Историја: Медитеранот во својата медицинска ризница ја има камилицата повеќе од 2 000 години. Генеричкото име доаѓа од грчкиот збор khamai што значи „на земја“ и melon што значи „јаболко“.Диоскорид (основачот на фармакогенизијата) препорачувал чај од камилица за смирување на стомачните колики и за смирување на нервите, но, исто така, и за бубрезите и за црниот дроб, за што во денешната фитотерапија оваа билка не наоѓа оправдување за употреба.

    Употреба: камилицата најчесто се употребува во облик на чај. Се користи при нарушено варење на храната, при подуеност и при гасови. Надворешно се користи во форма на облоги или како козметички препарат, како и при воспаленија и при иритации на кожата, какви што се убодите од инсекти, смрзнатините, лузните и изгорениците. Како средство за измивање се користи при воспалителни состојби на урогениталната зона. 

     

    Библиографија:

    • Moumita Das. Chamomile: Medicinal, Biochemical, and Agricultural Aspects. CRC Press, 2014.
    • WHO monographs on selected medicinal plants, Volume 1: Flos Chamomillae. Geneva: World Health Organization, 1999.
    • European Union herbal monograph on Matricaria recutita L., flos.EMA/HMPC, 2015.
    • Jeanne D’Andrea. Ancient Herbs in the J. Paul Getty Museum Gardens. Second printing. Malibu, California: The J. Paul Getty Museum, 1982.