Валеријана

    Valeriana officinalis

    Фамилија: Caprifoliaceae

    Делови што се користат: сув корен, ризом и столони.

    Ботанички опис: шупливото стебло на валеријаната достигнува и до 2 метри.Разгрането во долниот дел, стеблото носи спротивно поставени шилести листови. Од јуни до август се отвораат малите бели или розови цветови, кои имаат атрактивна миризба и привлекуваат многу инсекти.Од вертикалниот ризом излегуваат коренчиња и столони, но и силна миризба на која ниту една мачка не може да ѝ одолее. Затоа билката уште ја нарекуваат и маче-трева.

    Живеалиште: билката расте во евроазискиот регион. Се култивира во повеќе делови од Европа, во Русија и во САД.

    Историја: некои автори наведуваат дека родовото име потекнува од Валеријус, кој прв го користел коренот, или од латинскиот назив valere, што значи „здравје“ или „добросостојба“. Името „валеријана“ за првпат е употребено во 9. и во 10. век, а во 11. век за првпат се појавува во литературата на домашни хербални лекови. Лековитоста на валериjаната им била позната и на Античките Грци и на Римјаните. Во 16. век се користела за смирување, за главоболка и за срцебиење. Во 19. век се третирала како стимуланс и се сметало дека предизвикува состојби за кои токму претходно била наменета. За време на Првата и на Втората светска војна повторно се вратила на терапевтската сцена користејќи им на Англичаните за намалување на стресот од воздушните напади. 

    Употреба: коренот од валеријаната се користи во форма на чај или на декокт, како тинктура или како екстракт. Коренот традиционално се користи за хистерични состојби, за вознемиреност и за мигрена. Многу често се користи како поблага алтернатива на синтетички седативи, за подобрување на состојби како што се нервната напнатост и отежнатото заспивање поради анксиозност. 

     

    Библиографија:

    • Upton, Roy. American Herbal Pharmacopeia and therapeutic compendium:Valerian root. AHP 1999.
    • Valerian, Fact Sheet for Health Professionals. NIH Office of Dietary supplements, 2013
    • Joanne Barnes, Linda A Anderson and J David Phillipson. Herbal Medicines, third edition. Pharmaceutical Press 2007.
    • WHO monographs on selected medicinal plants Volume 1: Radix Valerianae.Geneva: World Health Organization 1999.